Што се Отворени податоци?

Отворени податоци се податоците кои ги создаваат органите и институциите од јавниот сектор во остварувањето на своите надлежности, а кои се јавно објавени со цел да се овозможи нивно  користење од страна на правни или физички лица за создавање нови информации, содржини, апликации или услуги.

Користењето на отворените податоци треба да поттикне:

  • Иновации и создавање нови информации, содржини и апликации преку комбинирање или вкрстување на податоците;
  • создавање нови услуги, креирање на работни места и социјална вклученост;
  • зголемена отчетност и транспарентност на јавниот сектор;
  • подобрување на квалитетот на податоците од јавниот сектор;
  • развој на економијата и развој на конкуренцијата, и
  • развој на информатичкото општество во Република Македонија.

 

Отворени податоци не се:

а) податоците кои што се исклучени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;

б) податоците  до кои пристапот е ограничен со закон;

в) податоците чие создавање не е предмет на  органот или институцијата од јавниот сектор;  

г) податоците врз кои што трети страни имаат право на интелектуална сопственост;

д) податоците што му припаѓаат на јавниот радиодифузен сервис, неговите дописништва и податоците на институциите задолжени за овозможување на емитувањето на јавниот радиодифузен сервис;

ѓ) податоците кои што им припаѓаат на органите и институциите кои вршат образовна или истражувачка дејност, вклучително и организации основани за размена на истражувачки резултати, и

е) податоците кои што им припаѓаат на установите од областа на културата со исклучок на библиотеките, музеите и архивите.

 

Поими поврзани со отворените податоци:

  1. „Органи и институции од јавниот сектор“ се органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон
  2. „Информација“ е било која содржина без разлика на средството со кое се пренесува (напишано на хартија или зачувано во електронска форма како звук, визуелна или аудиовизуелна снимка) или било кој дел на таквата содржина
  3. „Податок“ е квалитативна или квантитативна вредност односно засебен дел од една информација;
  4. „Необработени податоци“ се збир на броеви и знаци структурирани табеларно во редови и колони (регистри, бази, табели); 
  5. „Метадата“ се податоци со кои се објаснува значењето на податоците, односно дескриптивни податоци;
  6.  „Податоци од јавен сектор“ се податоците кои органите и институциите од јавниот сектор ги создаваат во текот на работењето согласно законските надлежности;
  7. „Централен каталог на податоци од јавен сектор“ е на интернет достапна алатка која на корисниците преку целосен текст или уреден збир на метадата им овозможува пристап до податоци од документи или збирки во електронска форма
  8. „Компјутерски обработлив формат“ значи формат на документ структуриран на начин на кој софтверските апликации можат лесно  да го идентификуваат,  препознаат и извлечат конкретни податоци од него, вклучително и посебните делови на податокот и нивната внатрешна структура и овозможува негово автоматско процесирање;
  9. „Отворен формат“ е формат на податок кој е независен од платформата и е достапен на јавноста без никакви ограничувања со кои би се попречило користењето на податокот;
  10. „Формален отворен стандард“ значи стандард кој е утврден во пишана форма и се однесува на  обезбедувањето на софтверска интероперабилност.